Технологија Гаџети САД шпионираат телефони на свои граѓани

САД шпионираат телефони на свои граѓани

Американското министерство за правда со години собира податоци од мобилните телефони на десетина илјади американски граѓани, пишува „Вол стрит џурнал“.

Станува збор за таен шпионски софтвер, кој има цел да ги лоцира и фаќа криминалците, јавува весникот, повикувајќи се на извори блиски до овие операции.

За шпионажа, САД користат едноставни средства – авиони со опрема слична на таа што ја користат претставниците на мобилната телефонија. Тие надлетуваат одредени зони за да фатат сигнал на мобилните телефони, кои се програмирани да се поврзат со најблискиот предавател.

Штом се воспостави врска меѓу опремата на авионот и мобилниот теледон, податоците се собираат, а потоа врската се префрла на вистинските предаватели.

Високотехнолошката опрема наликува на кутија и е производ на компанијата „Боинг“. Таа може автоматски да обезбеди најдобра можна комуникација на конектираните мобилни телефони.

Проблемот е во тоа што илјадници мобилни телефони на американските граѓани се приклучени на тие „лажни мрежи“, а тоа не го знаат нивните сопственици. На тој начин стануваат достапни нивните телефонски податоци, како што е единствениот идентификациски број и информациите за локацијата, наведува весникот.

Кристофер Согојан од Американската унија за одбрана на слободата смета дека нема „оправдување“ за користењето на ваквиот софтвер.

Американското министерство за правда одби да го коментира ваквите информации.