Свет Европа САД го исмејуваат мировниот план на Меркел

САД го исмејуваат мировниот план на Меркел

Американските генерали и дипломати го критикуваат Берлин поради мировната иницијатива за Украина, а особено се потсмеваат со министерката за одбрана, Урсула фон дер Лејер, и со канцеларката Ангела Меркел, пишува денеска весникот „Билд“.

Генералите и дипломатите на САД кои учествуваа на неодамнешната Минхенска конференција за безбедност ја нарекоа министерката за одбрана на Германија „дефетист“, а канцеларката ја обвинија дека во ЕУ шири „московски будалштини“.
„Билд“ располага со информации дека на 6 февруари, на четвртиот кат од хотелот „Бајершер хоф“ во Минхен, се собрале американските генерали, дипломати и високи политичари.

Еден американски сенатор ја обвинил министерката за одбрана на Германија, Урсула фон дер Лејер, дека е „дефетист“, односно дека „повеќе не верува во победа на Украина“. Викторија Нуланд, помошничка на американскиот државен секретар, со омаловажување говорела за посетата на Ангела Меркел на Москва и оценила дека тоа се „московски будалштини на канцеларката“.

Американците, тврди „Билд“, најмногу негодувале поради дипломатската иницијатива на Меркел за украинската криза.
САД се сигурни дека без силен притисок, Владимир Путин нема да се согласи на договор, а Европејците не сакаат да го зголемуваат притисокот, наведува германскиот весник.