Свет Европа Русија со нови воздушни напади врз Кијив, тревогата траела повеќе од пет...

Русија со нови воздушни напади врз Кијив, тревогата траела повеќе од пет часа

Руски беспилотни летала влегоа во главниот град на Украина во неколку наврати и од различни правци, изјави шефот на воената управа на Кијив, Серхи Попко

Фото: Укринформ

Русија изврши неколку бранови напади врз Кијив и други градови, поради што источниот дел на Украина беше под воздушна тревога повеќе од пет часа, соопшти украинската војска. Руски беспилотни летала влегоа во главниот град на Украина во неколку наврати и од различни правци, изјави шефот на воената управа на Кијив, Серхи Попко и додаде дека е уништено целото воздушно оружје како и дека нема информации за штети или повредени.

Воздушната тревога за главниот град и регионот била објавена три пати во текот на ноќта и траела повеќе од пет часа. Градоначалникот на Одеса, Хенадиј Труханов, на Телеграм објави дека Русија го гаѓала градот во текот на ноќта и дека биле пријавени неколку експлозии. Нема извештаи за штети или повредени. Гувернерот на областа Керсон, Олександр Прокудин, на Телеграм изјави дека во последните 24 часа, еден цивил бил убиен, а 15 други биле ранети во руските напади врз регионот.

Русија не ги коментираше нападите. Двете страни негираат дека целеле цивили во војната, која Русија ја започна во февруари 2022 година со целосна инвазија на Украина.