Свет Европа Русија размислува за раскинување на дипломатските односи со Украина

Русија размислува за раскинување на дипломатските односи со Украина

Москва разгледува како да одговори на обидите на украинските разузнавачки служби да организираат диверзии на Крим, а меѓу опциите е и раскинување на дипломатските односи меѓу двете земји, пишува весникот „Известија“, повикувајќи се на извор од руските дипломатски кругови.

Весникот наведува дека Москва би можела да ја затвори руската амбасада во Киев и да ги повлече сите дипломати.

– Една од можните опции за остар одговор би можело да биде раскинувањето на дипломатските односи. Во Москва се разгледуваат сите опции. Сепак, последниот збор ќе го даде шефот на државата кој ќе донесе одлука врз основа на собраните податоци – вели изворот на весникот.

Заменик шефот на меѓународниот комитет на Советот на федерацијата, Владимир Џабаров за весникот вели дека раскинувањето на дипломатските односи е прерогатив на шефот на државата, но оти Москва, имајќи ги предвид последните настани, мора да ги ревидира односите со Киев.

Украинските власти се уште ја немаат прифатено кандидатурата за нов руски амбасадор, а интересите на Москва во земјата ги претставува привремениот комесар, Сергеј Торопов.

Федералната служба за безбедност на Русија вчера соопшти дека спречила терористички напад на Крим, кој го подготвувал украинското министерство за одбрана.