Свет Русија проверува дали Ал Багдади е убиен при воздушните напади на Рака

Русија проверува дали Ал Багдади е убиен при воздушните напади на Рака

Министерството за одбрана на Русија ги проверува наводите дека лидерот на Исламска држава, Абу Бакр ал Багдади, е убиен во руските воздушни напади извршени кон крајот на мај во Рака.

Во соопштението на министерството се наведува дека воздушниот напад е изведен на 28 мај, на командна позиција на ИД, при што се ранети нејзините лидери, кои имале состанок на кој се расправало за рутите за излегување на терористите од Рака, преку таканаречениот јужен коридор.

„Според добиените информации, кои се проверуваат преку различни канали, на состанокот присуствувал и лидерот на ИД, Ибрахим Абу Бакр ал Багдади, кој е елиминиран во нападот“, стои во соопштението.

Министерството навело дека Русија ги известила САД во врска со воздушните напади на периферијата на сирискиот град, кој е упориште на ИД, и дека постои можност да е убиен и Ал Багдади.

„Руските авиони уништија повеќе од 300 терористи од Исламска држава на јужната периферија на Рака кон крајот на мај“, стои во соопштението на руското министерство.