Свет Русија бара истрага за соборувањето на сирискиот воен авион над Рака

Русија бара истрага за соборувањето на сирискиот воен авион над Рака

Русија бара од САД да спроведат истрага за соборувањето на сирискиот воен авион во провинцијата Рака, изјавила денеска портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, јавуваат агенциите.

„Бараме темелна истрага од американската команда за инцидентот, како и преземање на неопходни мерки кои би спречиле повторување на слични ситуации во иднина“, рекла Захарова.

Коалицијата што ја предводат САД во неделата, на 18 јуни, собори сириски воен авион над градот Рака, откако леталото, наводно, нападнало позиции на сириските опозициски сили, кои ја имаат поддршката на Вашингтон.

Властите во Дамаск соопштија дека авионот од типот „сухој су-22“, бил во мисија против Исламска држава.