Македонија РКЕ: Вчерашниот протест на ВМРО-ДПМНЕ е директен притисок врз нашата работа

РКЕ: Вчерашниот протест на ВМРО-ДПМНЕ е директен притисок врз нашата работа

Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) на 21 јули годинава донесе одлука за зголемување на цената на струјата за 4,7 денари за киловат-час, во Скопје и во повеќе други градови низ земјава речиси секојдневно се одржуваат протести и собири на граѓани и здруженија со кои се бара враќање на старата цена и се нагласува дека со ниските плати и стандардот, граѓаните не можат да плаќаат повисоки сметки за електрична енергија.

Според РКЕ, протестите кои се организираат се легитимни, но не го дели тоа мислење и за вчерашниот протест, во организација на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кој РКЕ го квалификува како директен притисок.

„Протестот организиран од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, која бара укинување на одлуката за новата цена на струјата, е директен притисок врз нашата работа. РКЕ ги информираше Секретаријатот на Енергетската заедница во Виена, како и дел од меѓународните дипломатските претставници во земјава во врска со последните случувања во земјава, поврзани со новата цена на струјата“, стои во нивното соопштение.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, соопшти дека се секогаш спремни за дијалог со сите заинтересирани страни, но дека РКЕ ќе биде независна во своето одлучување и никогаш нема да потклекне под различни притисоци и влијанија.

„Одлуката е донесена врз основа на Законот за енергетика и соодветните подзаконски акти во коишто се инкорпорирани начелата на законодавството на ЕУ и европските стандарди. Истовремено, со донесената одлука се обезбедува непречено функционирање на електроенергетскиот систем – сигурност, стабилност и доверливост во испораката на електрична енергија што е од особено значење токму во пресрет на зимскиот период. Притоа, се изврши значајно намалување на барањата на вршителите на енергетските дејности за покачување на цените на нивните услуги, односно не им се признати сите пријавени трошоци“, посочува Марко Бислимоски, во официјалното писмо кое РКЕ го достави до Секретаријатот на Енергетската заедница во Виена, Делегација на Европската Унија во Северна Македонија и Амбасадата на Соединетите Американски Држави.