Подглавна секција Ристоска: Ќе продолжиме со работата во УБК, министерот вети безбедност за тимот

Ристоска: Ќе продолжиме со работата во УБК, министерот вети безбедност за тимот

Специјалната обвинителка Ленче Ристоска информираше дека вечерва во зградата на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) нема да има ниту еден истражител или обвинител од СЈО.

Таа истакна дека го повикале и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и од него побарале да се обезбеди непречена работа.

– Од министерот побаравме да се погрижи за безбедноста на вработените лица на СЈО. Тој ни вети дека полицијата ќе се погрижи за нивната безбедност. Се надеваме дека сето ова било само недоразбирање и дека ќе биде надминато, а добивме и ветување дека вечерва од УБК нема да биде изнесена никаква опрема или документација. Утре продолжуваме со спроведувањето на судската наредба за преземање на бараната документација од УБК – рече Ристоска.

Специјалната обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим дојдоа во УБК за да видат што се случува со нивниот истражител кој беше отстранет од УБК и беше попречен да ја извршува работата.

Вечерва и друг истражител од тимот на Јанева беше приведен, па пуштен од полициската станица Беко, откако извршувал задача да обезбеди лице барано во одредена истрага.