Дописници Риболов на пастрмка во ВИП-зони по долината на Радика

Риболов на пастрмка во ВИП-зони по долината на Радика

Таканаречени ВИП-зони за риболов на поточна пастрмка по долината на реката Радика, ќе воведува Националниот парк „Маврово“. Целта е да се привлечат туристи и љубители на спортскиот риболов. По долината на Радика се планира да се воведе посебна зона со капитални примероци на поточна пастрмка. Рибата ќе се лови исклучиво со техниката мушичарење.

– ВИП-зоната се прави по моделот на светски познатите национални паркови. Голем комерцијален ефект не се очекува, но насоките одат во подигнување на нивото на заштита на природата и на рибниот фонд – изјави Онер Јакуповски, директор на Националниот парк Маврово.

За риболов на Радика и во Мавровското Езеро важат строги правила. Се лови само за викенди и на државни празници и дозвола им се издава само на лица кои имаат легитимација за рекреативен риболов. Риболовната сезона се отворa во февруари и трае до есен, со повремени забрани во периоди на природен мрест.