Свет Решението за Сирија ќе бара отстапки од сите страни, изјави Путин

Решението за Сирија ќе бара отстапки од сите страни, изјави Путин

Рускиот претседател, Владимир Путин, денеска изјави дека постои вистинска шанса за ставање крај на судирите во Сирија, додавајќи дека решението ќе бара отстапки од сите учесници во судирите, вклучително и од сириските власти на претседателот Башар ал Асад, јавуваат светските агенции.

Путин ова го истакна во своето обраќање во Сочи, на отворањето на мини-самитот посветен на Сирија, на кој учествуваа претседателите на Турција и на Иран, Реџеп Таип Ердоган и Хасан Рохани.

– Сирискиот народ треба сам да ја одреди својата иднина… Очигледно е дека тој процес нема да биде едноставен и ќе бара компромиси и отстапки од сите учесници, вклучувајќи ја и сириската влада – рекол Путин.

Тој додал дека Москва, Техеран и Анкара ќе преземат најактивни напори овој процес да биде што е можно попродуктивен.

Судирите меѓу сириските владини сили и опозициските бунтовници траат од 2011 година.