Македонија Реорганизација во МВР: „Алфите“ се припојуваат на Единицата за јавен ред и...

Реорганизација во МВР: „Алфите“ се припојуваат на Единицата за јавен ред и мир

(Вежба на македонската и косовската полиција во касарната „Ѓорче Петров“) Фото: Борче Поповски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес – конференција ги потврди информациите дека полициската Единица за прв одговор и интервенција „Алфа“ ќе престане да постои. Во моментов се врши реорганизација на МВР, со која „Алфите“ ќе се спојат со Единицата за јавен ред и мир и тие заедно ќе функционираат како посебна интервентна единица.

– Крајна цел е да имаме поголема видливост на терен, а направена е реорганизација по примерот на европските земји – изјави министерот Спасовски.

Спојувањето на „Алфите“ со Единицата за јавен ред и мир ќе овозможи формирање на интервентна полиција која што ќе работи на заштита на безбедноста во Скопје. До петок треба да се знае кој ќе биде раководител на новата интервентна единица.

Единицата „Алфа“ беше формирана во 2005 година, работејќи под надлежност на Министерството за внатрешни работи. Од 2014 година, „Алфите“ добија нов статус, беа вклучена во рамките на Секторот за внатрешни работи Скопје и работеа само во главниот град.