Македонија Реката Пена кај населбата Дарданија пред колапс, Општина Тетово не го чисти...

Реката Пена кај населбата Дарданија пред колапс, Општина Тетово не го чисти коритото

Жителите од населбата стравуваат дека реката може да се излее од коритото и да предизвика поплави, посебно овие денови кога врнежите се пообилни, пишува Порталб

Отпад во реката Пена во Тетово, населба Дарданија. Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Коритото на реката Пена во тетовската населба Дарданија е екстремно загадено со разни видови на отпад. Жителите од населбата стравуваат дека реката може да се излее од коритото и да предизвика поплави, посебно овие денови кога врнежите се пообилни. Алармира и граѓанското општество. а Општина Тетово, иако ја започна акцијата за чистење на коритото, овој дел од градот го „заборави“, и не одговори на новинарските прашања, пишува Порталб.мк.

Врнежите од дожд минатата недела го зголемија стравот кај жителите од населбата Дарданија под индустрискиот пат во Тетово дека реката Пена може да се излее и да предизвика штети.

Причина за нивниот страв е тоа што коритото на реката во овој дел од градот е полно со разни видови отпад, како покуќнина, даски, градежен материјал, облека, пластични шишиња, дрва и слично.

„Наскоро ќе се преселиме во населбата Дарданија, во последно време често поминувам таму. Искрено ме згрозува тоа што го гледам таму и состојбата на реката во овој дел. Ни треба итна интервенција, а не тогаш кога ќе се случи катастрофа да кажеме дека не сме биле подготвени. Оваа ситуација е навистина скандалозна“, вели еден жител на Тетово.

„Со регулирање на речното корито не само што ќе се реши проблемот со поплавите, туку ќе се реши и прашањето за наводнувањето на земјоделските површини. Изградбата на систем за наводнување би било решение за земјоделците и за оваа населба“, вели друг жител.

Отпад во реката Пена во Тетово, населба Дарданија. Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Оваа алармантна состојба бара итна акција од страна на одговорните органи за да се спречат сериозни еколошки и здравствени последици. Вака велат за  Порталб.мк од иницијативата Подобро за Тетово.

„Властите мора да организираат итна акција за чистење на оваа депонија, ангажирајќи специјализирани фирми за менаџирање со отпад. Треба да се изврши целосен увид на зоната за да се идентификуваат изворите на загадување и да се приберат докази за гонење на одговорните“, велат од Подобро за Тетово.

Тие додаваат дека за да не се повтори тоа што се случи во минатото треба да се воспостави еден мониторинг систем за да се држи под контрола состојбата на реката и да се спречи создавање на други депонии во иднина.

„Локалните и централните власти мора веднаш да дејствуваат за да се реши овој проблем и да се погрижат реката Пена да остане извор на живот, а не да биде една депонија за отпад“, потенцираат од Подобро за Тетово.

И покрај големата загаденост, од полицијата на Тетово неодамна нè информираа дека нема пријави за загадување на реката Пена.

Отпад во реката Пена во Тетово, населба Дарданија. Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Според страната за јавни набавки, Општина Тетово склучила договор со „Чаби Транс“ за чистење на речните корита на територијата на општината, со кој е опфатено и коритото на реката Пена, но договорот сè уште не е објавен.

Општина Тетово на почетокот на месецов почнаа да се фалат на социјалните мрежи дека започнало чистење на коритото, а потоа и дека речното корито е исчистено. Но, не го опфатиле делот од реката што се наоѓа под индустрискиот мост во населбата Дарданија каде состојбата и понатаму е алармантна.

Од Општина Тетово, како одговор на барање за информации од јавен карактер, на 05.07.2024 година ветија решение за коритото во населбата Дарданија.

„Што се однесува до населбата Дарданија, во тек е процедурата за јавниот повик за избор на економски оператор кој ќе ги врши работите за уредување на речното корито. Вкупната вредност достигнува околу 20 милиони денари и се очекува работите да започнат во текот на годината“, соопштија на 5 јули 2024 година од Општина Тетово.

Порталб.мк постојано , со недели бара одговор од Општина Тетово за овие прашања, но тие игнорираат новинарските прашања.

Во меѓувреме Општина Тетово на 11 септември 2024 година распиша нов тендер за поставување на заштитен сид на шеталиштето на кејот на реката Пена, а краен рок на јавниот оглас е на 30 септември 2024 година.

Порталб.мк веќе долги години известува за овој проблем, властите постојано ветуваат решенија, но до сега, како што може да се види и од сликите од терен, нема никаков конкретен резултат.