Подглавна секција Реформистот Пезешкијан победи на изборите во Иран

Реформистот Пезешкијан победи на изборите во Иран

Новиот ирански претседател е лекар кој 16 години беше пратеник во иранскиот парламент, а се има залагано за повеќе слобода околу (не)носењето хиџаб, за повеќе слобода и помалку цензура на интернетот, како и за отвореност за преговори со САД и Западот

Фото: Mehr News Agency, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Пратеникот и поранешниот кардиохирург Масуд Пезешкијан победи во вториот круг од претседателските избори во Иран, пренесува Гардијан.

Пезешкијан се има залагано за повеќе слобода околу (не)носењето хиџаб, за отвореност за преговори со САД и Западот, како и за постигнување нов нуклеарен договор.

Пезешкијан освоил 53,7 отсто од гласовите, а неговиот противник Саид Џалили освоил 44,3 отсто. Излезноста во вториот круг беше 49,8 отсто, по рекордно ниските 39 отсто во првиот. Изборите не беа набљудувани од ниедна меѓународна набљудувачка организација.

Поддржувачите на Пезешкијан континуирано имаат тврдено дека победата на тврдокорниот Саид Џалили би довела до воспоставување на влада слична на Талибанците во Авганистан.

„Тешкиот пат пред нас нема да биде лесен, потребна е вашата поддршка, емпатија и доверба“, рече Пезешкијан по победата.

Пезешкијан вети дека тој ќе биде глас на тие без глас, велејќи дека демонстрантите не смеат да бидат жртви на полициско насилство. Веќе има апели да ослободи политички затвореници, но останува нејасно колку од своите ветувања ќе може да ги исполни.

Во своите ТВ-излагања, Пезешкијан тврдеше дека не би можел да ја намали инфлацијата доколку не се укинат меѓународни санкции, што би значело имајќи помалку антагонистички став во меѓународната политика, со што би се отвориле вратите за подобри односи со Западот. Неговиот противник Џалили, пак, се залагаше за поголема економска изолација од Западот, тврдејќи дека и така може да се зајакне иранската економија.