Израел прати нови трупи во Либан по иранскиот напад врз Израел

Израелските одбранбени сили им наредија на либанските граѓани да напуштат објекти и села кои се поврзани со Хезболах

Бомбардирање во јужен Либан, 2- септември 2024 г. | Фото: Lingfing, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека ќе пратат нови трупи во Либан, пренесува Гардијан.

Ова проширување на копнената офанзива доаѓа откако Иран вчера лансираше ракети врз воени цели во Израел, како одговор на интензивираните напади на Израел врз Либан и Хезболах во изминатите две недели.

Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху, како и безброј други високорангирани израелски функционери, ветија „одмазда“ за вчерашниот напад. Сè уште не е познато колку штета предизвикал вчерашниот напад, но нема ниту повредени лица ниту жртви (освен едно лице кое загинало во Западниот Брег).

Воздушните напади на Израел врз Либан исто така продолжуваат. Министерот за информации на Либан сподели фотографии и видеа од оштетената телекомуникациска инфраструктура во Либан. Израелските одбранбени сили им наредија на либанските граѓани да напуштат објекти и села кои се поврзани со Хезболах.

Дополнително, во текот на вчерашниот ден најмалку 60 луѓе биле убиени во воздушни напади врз Газа. Од почетокот на израелските напади врз Либан, пак, убиени се најмалку 1.000 лица, а повредени најмалку 3.000.