Иранскиот врховен лидер Али Хамнеи го предупреди Израел дека атентатот на лидерот на Хезболах, Саид Хасан Насрала „нема да помине неодмазден“.
Додека ударните бранови од воздушниот напад во петокот вечерта во кој беше убиен Насрала одекнаа низ регионот, а Израел продолжи да гаѓа цели во Либан, Али Хамнеи вчера објави петдневна жалост и повика на итен состанок на 57-члената Организација за исламска соработка, јавува Гардијан.
Иран, исто така, повика на состанок на Советот за безбедност на ОН за акциите на Израел во Либан и во регионот.
Израелските безбедносни сили се ставени во состојба на висока готовност за можна одмазда, а експертите предупредуваат дека регионот се соочува со неколку можни сценарија по убиството, вклучувајќи го и ризикот од проширување на војната што може да го вовлече Иран, главниот поддржувач на Хезболах, во директен конфликт со Израел.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека убиството на Насрала е историска пресвртница што може да го промени балансот на силите на Блискиот Исток.
„Убиството на Насрала беше неопходен чекор кон постигнување на целите што ги поставивме, безбедно враќање на жителите на северот во нивните домови и менување на рамнотежата на силите во регионот во годините што доаѓаат“, рече Нетанјаху во својата изјава.
Американскиот претседател Џо Бајден го нарече убиството на Насрала „мерка за правда за неговите многубројни жртви, вклучително и илјадници Американци, Израелци и либански цивили“, додека му нареди на Пентагон да ја зајакне одбранбената положба на Америка во регионот. Бајден додаде дека САД целосно го поддржуваат правото на Израел да се брани од Хезболах, Хамас, Хутите и сите други терористички групи поддржани од Иран.
„Во Газа ние спроведуваме договор поддржан од Советот за безбедност на ОН за прекин на огнот и ослободување на заложниците. Во Либан преговаравме за договор со кој луѓето безбедно ќе се вратат во нивните домови во Израел и во јужен Либан. Време е овие договори да се затворат, да се отстранат заканите за Израел и поширокиот регион на Блискиот Исток да добие поголема стабилност“, додаде Бајден.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека е сериозно загрижен поради драматичната ескалација во Либан, придружувајќи им се на другите во предупредувањето за опасноста од дестабилизација.
Израел продолжи со воздушните напади врз Либан во саботата, велејќи дека погодил цел на Хезболах во јужните предградија на Бејрут. Во тешките бомбардирања загинаа повеќе од 700 луѓе, а околу 118.000 се раселени од почетокот. Како одговор. Хезболах соопшти дека истрелал ракети врз Израел.