Македонија Реформаторите ниту ќе предложат, ниту ќе поддржат кандидат за нов лидер

Реформаторите ниту ќе предложат, ниту ќе поддржат кандидат за нов лидер

Централниот штаб на внатрепартиската иницијатива за демократизација и модернизација на ВМРО-ДПМНЕ во присуство на активисти од републичкиот штаб, 19 окружни и сите општински штабови денеска одлучи да не предложи, ниту пак да поддржи некој од кандидатите на вонредниот конгрес н ВМРО-ДПМНЕ за избор на нов лидер на партијата.

„Во поглед на закажаниот вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово, Централниот штаб ги реафирмира принципите и вредностите наведени во Декларацијата за демократизација и модернизација на ВМРО-ДПМНЕ и Декларацијата “Европско ВМРО-ДПМНЕ за европска Македонија” пред личностите и борбата за преземање на обврската да се управува партијата. Од тие причини, нема да предложиме кандидат за претседател на овој Конгрес. Начинот на кој се повика и брзината со кој се организира овој вонреден Конгрес, за жал може да биде причина за негово повторување во блиска иднина“, стои во соопштението.

Реформаторите им се заблагодарија на 208-те делегати кои дале поддршка на идејата за учество на внатрепартиската иницијатива на овој Конгрес и ги повикаа доколку учествуваат на Конгресот и одлучат да поддржат некој од кандидатите за нив претседател на ВМРО-ДПМНЕ, тоа да го направат согласно сопствената волја, но притоа да ги имаат предвид принципите и заложбите на внатрепартиската иницијатива и барањето за демократизација на Статутот на партијата.