Македонија Рама зборувал симболично за блокадата на Македонија во НАТО

Рама зборувал симболично за блокадата на Македонија во НАТО

„Зборував симболично во името на НАТО, односно што треба Македонија да стори за членство во НАТО, а тоа е она што го изјавува и премиерот Никола Груевски“, изјавил албанскиот премиер Еди Рама, на прес-конференцијата со неговиот српски колега, Александар Вучиќ, кој од денеска е во официјална посета на Тирана, пренесува „Телма“.

– Тоа што неодамна го изјавив за Македонија во врска со НАТО, не значеше ставање блокада за членство, туку дека Македонија треба да продолжи да го спроведува тоа што е запишано во Декларацијата од Самитот во Велс, а таму е наведен Охридскиот договор – рекол Рама.

Потсетувајќи на настаните во Куманово, албанскиот премиер рекол дека тоа што се случи било уште еден пример за тоа „колку лесно би можел да се дестабилизира регионот“.

– Ние сме заинтересирани за почитување на правата на Албанците според Охридскиот договор, во општество кое треба да е демократско – додал Рама и нагласил дека целта на Албанија не е да ја блокира Македонија во нејзините евроатлански интеграции.