Хроника Раководители на тетовската дирекција на УЈП осомничени за злоупотреба на положбата

Раководители на тетовската дирекција на УЈП осомничени за злоупотреба на положбата

Секторот за внатрешни работи Тетово поднел кривична пријава против Ѓ.К. (51), управник на Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи (УЈП) во Тетово, С.А. (62) од Македонски Брод, раководител во УЈП Тетово, и против непознат сторител од истата дирекција, кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување и штета врз буџетот на државата за сума од околу 15 милиони денари, односно околу 244.000 евра, соопшти полицијата.

Како што информираат оттаму, осомничените не наплатиле долг што Автомото-здружение во Гостивар го имало кон УЈП. Покрај тоа, според полицијата, тие постапиле незаконски и не обезбедиле залог на недвижен и на движен имот „кој не бил оптоварен со хипотека за кој УЈП водела постапка со здружението за побарување во извршна постапка“.

Поради тоа, се вели во полициската информација, Управата не можела да ги наплати своите побарувања бидејќи врз недвижниот имот на здружението била запишана хипотека во корист на „Триглав осигурување“.