Свет Балкан Радев: Партнерството меѓу уставните судови на Бугарија и Македонија е во духот...

Радев: Партнерството меѓу уставните судови на Бугарија и Македонија е во духот на Договорот за пријателство

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска прими делегација на Уставниот суд на Република Македонија предводена од претседателот на судот, Никола Ивановски, соопшти прес службата на претседателот.

Според Радев, партнерството меѓу уставните судови на Бугарија и Македонија е важен чекор за развојот на билатералните односи во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави.

Бугарскиот претседател посочил дека со потпишување на Договорот за добрососедство Бугарија и Македонија на сите земји од регионот им дадоа пример како проблемите можат да се надминат во име на дијалогот и разбирањето, а соработката меѓу уставните судови на двете држави го дава својот придонес.

– Важно е да покажеме дека овој договор функционира и притоа ние да се водиме од неговиот дух. Уставниот суд е гарант за владеењето на законот, а тоа е меѓу најважните услови за членството во Европската Унија. Уставните судови можат корисно да соработуваат и да го разменуваат своето искуство – изјавил Радев.

Радев ја искористил можноста да ги повика и мултидисциплинарните комисии на двете држави, што се занимаваат со решавање на отворените прашања меѓу Бугарија и Македонија, да ја добијат неопходната поддршка во својата работа.

Претседателот на Уставниот суд на Македонија, Никола Ивановски, го запознал бугарскиот претседател со работата, компетенциите и надлежностите на Уставниот суд. Тој се заблагодарил за сестраната поддршка на Бугарија како претседател на Советот на ЕУ и особено во однос на евроатлантската перспектива на Македонија.