Главна секција Работодавците предупредуваат: Со новите придонеси ќе се поттикне плаќање во кеш

Работодавците предупредуваат: Со новите придонеси ќе се поттикне плаќање во кеш

Со усвојувањето на измените на Законот за придонеси, постои и можност за административно намалување на невработеноста, затоа што хонорарците ќе се водат како вработени

Развивање на сивата економија, отпуштање вработени, исплаќање хонорари пониски од минималната плата, се последиците што здруженијата на работодавци во Македонија ги очекуваат откако ќе се усвојат измените во Законот за придонеси  за задолжително социјално осигурување.

Од здруженијата на работодавци во Македонија, велат дека уште во август, кога се разговарало на оваа тема, тие ги кажале своите забелешки и предупредиле за последиците што можат да појават ако се усвојат овие измени. Со усвојувањето на овој закон, постои и можност за административно намалување на невработеноста затоа што хонорарците ќе се водат како вработени.

Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, вели дека со усвојувањето на законот може само да се поттикне заобиколување на законските норми.

Компаниите, па и самите вработени, можат да бараат хонорарите што ќе им се исплаќаат да бидат со износ помал од минималната плата или, пак, да се иницира плаќање во кеш.

– Пред неколку месеци, учествувавме на економско-социјалниот совет каде што се разговараше за овој закон. Тогаш ги кажавме последиците што би можеле да произлезат од овој закон и нашите стравувавња. Испративме и наш став до министерствата за финансии и за труд и социјална политика – вели Бошков.

Тој додава дека Бизнис-конфедерацијата на Македонија побарала исплаќањето на дополнителни хонорари да важи само ако хонорарите се поголеми од просечната месечна плата.

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, вели дека законот може да има и добри, но и лоши ефекти.

– Позитивното во овој закон е тоа што работодавците кои порано не ги пријавувале вработените кои работеле по осум часа, сега ќе мораат да им платат придонеси, но, од друга страна, лошо е тоа што работодавците можат да ги отпуштаат работниците и да ги ангажираат со договор на дело. Тие ќе имаат продонеси, но нема да им следува боледување, одмор и слични поволности – изјави Димитров.

Според него, во законот, исто така, е недоследно тоа што една категорија луѓе се изземени од плаќања на придонеси за дополнителни хонорари.

Изземени од плаќање дополнителни давачки ќе бидат професионални спортисти, функционери, пратеници, советници и други носители на јавни функции, волонтери, судии, поротници, стечајни управници и други.

А.Д.