Македонија Работилница на УНФПА во Штип

Работилница на УНФПА во Штип

Работилница на УНФПА во Штип

Караванот работилници на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), под наслов „Гласот на младите: Иднината што ја сакаме“, оваа недела продолжи во градот Штип.

-Верувам дека приоритет за подобра иднина е подобрувањето на образовниот систем, кој ќе даде поквалитетен кадар. Така ќе се влијае на порастот и на развојот на македонската економија, а со тоа и на развојот на државата во целина. Дополнително, некои работи треба да ги променат и младите во своето однесување – да се трудиме да даваме што повеќе предлози за тоа како можат да се подобрат состојбите, бидејќи сега има кој да го слушне нашиот глас – изјави Стефан, студент на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Покрај образованието, тема на работилницата беа и прашања што го засегаат светот во целина, како глобалното затоплување и (не)грижата на граѓаните за средината во која живеат, подобрувањето на состојбите во загрозените делови во светот, како и борбата со болестите на 21 век.  Караванот работилници продолжува во Охрид на 14 ноември, кога и младите од овој град ќе имаат можност да дебатираат и да го споделат својот став за подобро утре. Ова е своевидно продолжување на светската дебата за усвојувањето на новите одржливи развојни цели, кои и официјално ќе бидат усвоени на Генералното собрание на ООН во 2015 година, а ќе се стремат кон целосно искоренување на сиромаштијата во светот, подобрување на здравствените услуги, образованието, животната средина, достигнување на родовата еднаквост и рамномерен одржлив развој.