Подглавна секција Путин во трка за претседател со уште тројца кандидати – сите поддржувачи...

Путин во трка за претседател со уште тројца кандидати – сите поддржувачи на војната во Украина

На листата не беше вклучен рускиот антивоен кандидат Борис Надеждин, откако Централната изборна комисија (ЦИК) во четвртокот му забрани да се кандидира

Фото: en.kremlin.ru

Регистрацијата на руските кандидати за претседателските избори во март е затворена, јави ТАСС, со претседателот Владимир Путин, кој се очекува да победи и уште тројца политичари – сите поддржувачи на војната на Русија во Украина.

На листата не беше вклучен рускиот антивоен кандидат Борис Надеждин, откако Централната изборна комисија (ЦИК) во четвртокот му забрани да се кандидира, велејќи дека открила недостатоци во собирањето потписи потребни за поддршка на неговата кандидатура.

ЦИК го регистрираше Владислав Даванков, заменик-претседател на руската Дума и член на пратеничката група на Новиот народ; Леонид Слуцки, водачот на ултранационалистичката Либерално-демократска партија (ЛДПР), лојална на Кремљ; и кандидатот на Комунистичката партија, Николај Харитонов.

Путин (71), кој избра да се кандидира како независен наместо како кандидат на владејачката партија Единствена Русија е лидер на Русија од 2000 година и ги контролира сите државни институции, по што се очекува лесно да победи на гласањето следниот месец, пишува ТАСС.

Иако никој не очекуваше дека 60-годишниот Надеждин, кој ја окарактеризира војната на Путин во Украина како „фатална грешка“ да победи, неговите жестоки критики изненадија некои аналитичари. Надеждин во четвртокот рече дека ќе ја оспори одлуката на ЦИК пред Врховниот суд на Русија.

Војната во Украина, која Кремљ ја нарекува „специјална воена операција“, е при крајот на својата втора година. Загинаа илјадници луѓе од двете страни, раселени се милиони Украинци, а голем број градови и села се претворија во урнатини.