Македонија Путин се појави во Мариупол два дена откако Меѓународниот кривичен суд побара...

Путин се појави во Мариупол два дена откако Меѓународниот кривичен суд побара негово апсење

Фото: Укринформ

Рускиот претседател Владимир Путин го посетил украинскиот град Мариупол, окупиран од Русија, само два дена откако Меѓународниот кривичен суд издаде налог за негово апсење. Путин отпатувал во Мариупол со хеликоптер и ги обиколил разрушените населби на градот со автомобил, се вели во соопштението на Кремљ објавено денеска, јавува CNN.

Според информации од соопштението, Путин застанал да разговара со жителите во населбата Невски и наводно бил поканет во домот на жител. Кремљ соопштува дека Путин го посетил и крајбрежјето на Мариупол, посетувајќи клуб за јахти и театарска зграда.

Рускиот вицепремиер Марат Хуснулин, кој го придиружувал рускиот претседател на посетата го информирал за тековни градежни и реставраторски работи во градот. Путин слушал и извештаи од началникот на Генералштабот – првиот заменик-министер за одбрана Валериј Герасимов и голем број воени лидери.

Веста за посетата доаѓа откако Меѓународниот кривичен суд во петокот издаде налози за апсење на Путин и руската функционерка Марија Лвова-Белова за наводна шема за депортирање на украински деца во Русија. Појавувањето на рускиот претседател во разрушениот град се смета за особено провокативна кон Украинците, бидејќи Мариупол долго време беше симбол на отпорот и сведок на едни од најинтензивните борби откако Русија ја започна својата инвазија во Украина. Тоа е пристанишен град на Азовското Море во украинската Доњецка област и е под директна руска контрола од мај 2022 година. Токму во Мариупол руските сили извршија некои од нивните најозлогласени напади, вклучително и напад на породилно одделение минатиот март и бомбардирање на театар, што принуди стотици цивили да бараат засолниште.