Македонија Пуштена во употреба новата пречистителна станица во Радовиш

Пуштена во употреба новата пречистителна станица во Радовиш

Новата пречистителна станица за третман на отпадни води во Радовиш денеска и официјално беше пуштена во употреба. Во рамките на проектот поддржан од ЕУ, исто така е  ревитализирана и проширена е примарната канализациона мрежа во општината Радовиш, со што се решава проблемот со отпадните води, а се намалува и надземното и подземното загадување. Во рамките на проектот се изградени и колектори и нов пристапен пат. Пречистителната станица во Радовиш е со инсталиран капацитет за 25.000 жители.

На денешната церемонија присуствуваа премиерот Зоран Заев, ЕУ амбасадорот Самуел Жбогар, министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот и заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки и Јани Макрадули и градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов.

– За само неколку месеци успеавме да комплетираме и пуштиме во употреба 4 пречистителни станици во градовите Струмица, Кичево, Прилеп, Радовиш, проекти финансирани од ИПА фондовите и дел од буџетски средства. Ме радува посветеноста и темпото на брза реализација со кои локалните самоуправи и државните институции пристапуваат во реализација на проектите финансирани со ИПА средствата. Тоа покажува дека Република Македонија решително и забрзано чекори на европскиот пат. Што би рекол амбасадорот Жбогар, „возот на Македонија веќе се движи кон ЕУ! – истакна Заев на почетокот на своето обраќање.

Тој порача дека сега наводнувањето на земјоделските површини во Радовишко ќе се врши со чиста и здрава вода, што е предуслов за производство на здрава храна.

– Во Радовишката река нема повеќе да се одлеваат отпадни води, туку пречистена вода од станицата – рече тој.

Шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Самуел Жбогар, порача дека ЕУ останува партнер на државата и дека ќе продолжи да работи на заштита на природните ресури.

– Заштитата на животната средина и создавањето услови за поквалитетен живот и одржлив развој е една од главните определби на ЕУ во поддршката што ја дава на различни проекти во земјава. Овој проект е дел од активностите финансирани од ЕУ, а паралелно, заедно со државата, работиме на реформи во секторот води, за да се обезбеди заштита на природните ресурси и одржливо водоснабдување за сите граѓани. Ние остануваме партнер на државата и ќе продолжиме да поддржуваме проекти во интерес на граѓаните – подвлече Жбогар.

За значењето на Пречисителната станица во Радовиш за локалните жители зборуваше и градоначалникот на општината Радовиш, Герасим Конзулов.

– Со овој проект решен е еден голем проблем во општината на долг рок. Освен еколошкиот аспект кој е многу значаен, за граѓаните од големо значење е и ревитализацијата и проширувањето на примарната канализациона мрежа, со што во голема мерка е подобрен и квалитетот на живот на граѓаните – истакна Конзулов.