Македонија Психијатриско лекување на осомничениот за убиството на полицаецот, побара ОЈО Куманово

Психијатриско лекување на осомничениот за убиството на полицаецот, побара ОЈО Куманово

Кумановското Основно јавно обвинителство побарало на осомничениот за убиството на полицаецот, кое се случи во јули оваа година, судот да му одреди задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа.

„Основното јавно обвинителство Куманово го доби вештачењето за состојбата во која се наоѓал и се наоѓа осомничениот за убиството на полицискиот службеник, што по наредба на надлежен јавен обвинител ги подготви Јавната здравствена установа „Психијатриска болница – Скопје“. Согледувајќи ги наодите и мислењето, кои укажуваат на непресметливост на лицето, јавниот обвинител до Основниот суд – Куманово достави предлог за определување задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа“, стои во соопштението од јавното обвинителство.

Осомничениот кумановец, во јули годинава, со нож нападна четворица полицијци кои дојдоа во неговиот дом да интервенираат по пријава за семејно насилство.

Едниот од полицајците беше тешко повреден и по кратко време почина, а напаѓачот, кој претходно неколкупати бил хоспитализиран за психијатриско лекување, беше притворен.

Од Обвинителството велат дека истрагата за случајот продолжува понатаму заради утврдување на евентуална одговорност на други лица.