Здравје Првата вакцина против маларија ќе биде воведена во 12 африкански земји

Првата вакцина против маларија ќе биде воведена во 12 африкански земји

Засега се предвидени 18 милиони дози, со што потенцијално ќе се спасат десетици илјади животи од болеста која убива повеќе од 500.000 деца под петгодишна возраст

Фото: GHTC, CC BY 3.0 , via Wikimedia Commons

Долгоочекуваната вакцина против маларија ќе биде дистрибуирана во 12 африкански земји во кои има највисоки стапки на детски болести и смртни случаи предизвикани од болеста, изјавија СЗО, УНИЦЕФ и глобалното светско здружение за вакцини Гави.

Засега се предвидени 18 милиони дози, со што потенцијално ќе се спасат десетици илјади животи од болеста која убива повеќе од 500.000 деца под петгодишна возраст.

Вакцината, чие официјално име е RTS,S/AS01, беше одобрена за употреба по успешен пилотска програма започната во 2019 година – оттогаш до денес вакцината ја имаат примено 1,7 милиони деца во Малави, Гана и Кенија. Пилотската програма покажа позитивни резултати во однос на намалувањето на нивото на боледување и смрт.

Вакцината ќе биде дополнително дистрибуирана во Бенин, Демократска Република Конго, Либерија, Буркина Фасо, Бурунди, Камерун, Нигер, Сиера Леоне и Уганда. Дополнителни 16 земји имаат поднесено барања за користење на вакцината.

Засега вакцината ја произведува ГлаксоСмитКлајн, но се очекува индиската фирма Барат Биотек да се придружат во производството поради високата очекувана побарувачка од 60 милиони дози годишно.

Уште една вакцина против маларија, R21, која е развиена во Оксфорд, чека одобрување за тестирање од СЗО.