Македонија Првата дама во посета на пациентите на хемотерапија и ЈЗУ Универзитетска клиника...

Првата дама во посета на пациентите на хемотерапија и ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија

Фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска денеска го посети Кабинетот за психолошка поддршка во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија по повод одбележувањето на Октомври – Месецот на борба против рак на дојка, соопштија од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.

Првата дама беше придружувана од директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, спец. д-р Никола Васев, претседателката на Здружението за помош и поддршка на пациенти кои се лекуваат од карцином „Љубов сме – Jemi dashuri“, Македонка Икономова Давчева и спец. д-р Мери Пешевска, специјалист во Одделение за малигни тумори на дојка при ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија.

Ѓоргиевска ги посети и пациентите во дневната болница за прием на хемотерапија, како и Кабинетот за психолошка поддршка, при што психолозите Александра Стефановска и Елена Георгиевска ја претставија работата на кабинетот. Тие ја информираа Ѓоргиевска дека психолозите на клиниката работат со пациентите и нивните семејства, остваруваат индивидуални и групни средби со нови пациенти кои започнуваат со лекување, со пациенти кои се во тек на третман, како и пациенти кои го завршиле нивното лекување.

Здружението „Љубов сме-Jemi dashuri“, чија цел е да им го олесни патот на онколошките пациенти кон нивното подобро здравје, го иницираше во соработка со здравствените институции отворањето на психолошкиот кабинет при ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, сметајќи дека е неопходен во процесот на нивното лекување.

Психолозите во психолошкиот оддел на Универзитетската клиника за онкологија и радиотерапија во соработка со Комората на психолози уште од самиот почеток на пандемијата дизајнираа „Проект за психолошка поддршка и психо-социјална помош на онколошките пациенти“.

Во рамки на проектот се нуди бесплатна психолошка помош и во рамки на истиот функционира телефонска служба за помош на онколошките пациенти и семејства и онлајн група за психолошка поддршка еднаш неделно. Во Кабинетот за психолошка поддршка на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија од почетокот на работа се остварени вкупно 900 психолошки средби.