Свет Балкан Протестен марш на турската опозиција од Анкара до Истанбул

Протестен марш на турската опозиција од Анкара до Истанбул

Главната турска опозициска партија денеска почна марш долг 400 километри, од Анкара до затворот во Истанбул, во знак на протест поради затворањето на еден од нејзините пратеници.

Лидерот на Републиканската народна партија, Кемал Килиџдароглу, изјави дека бара правда.

– Секој треба да ја брани независноста на судството и правдата во оваа земја – рече Килиџдароглу на почетокот на собирот во турската престолнина, каде се собраа неколку илјади лица.

Килиџдароглу повика на марш бидејќи пратеникот Енис Бербероглу вчера беше осуден на 25 години затвор за оддавање државни тајни.

Бербероглу е уапсен и осуден во случај поврзан со објавување извештаи во весникот „Џумхуријет“ во 2015 година, за тоа како турската разузнавачка служба, наводно, криумчари оружје за исламските бунтовници во Сирија.