Македонија Протекоа личните податоци на 4.739 студенти, ДЗЛП ќе истражува кој згрешил

Протекоа личните податоци на 4.739 студенти, ДЗЛП ќе истражува кој згрешил

Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП) ќе изврши вонреден инспекциски надзор поради тоа што лични податоци на 4.739 студенти на неколку државни и приватни факултети кружат по интернет.

Број на индекс, адреса на живеење, град, телефонски број, лозинка за електронска пошта биле испратени на адреси на стотина студенти, преку официјалниот меил на Машинскиот факултет, (info@mf.edu.com).

Во соопштението на ДЗЛП се вели дека во текот на вчерашниот и на денешниот ден примиле барања од Машински факултет, како и од повеќе физички лица кои се сомневаат дека нивните лични податоци се злоупотребени, да се изврши инспекциски надзор за утврдување на повреда на правото за заштита на личните податоци.

– Во согласност со Законот за заштита на личните податоци, почната е постапка за вршење вонреден инспекциски надзор и по завршување на надзорот, јавноста ќе биде дополнително информирана за наодите од него – се вели во соопштението на ДЗЛП.

Од оваа институција на граѓаните им препорачуваат да ги променат лозинките на личните и на професионалните е-меилови, социјалните мрежи, „скајп“ и на други сервиси.

– Користете добри лозинки и често менувајте ги. Добрите лозинки се состојат од комбинација на мали и на големи букви, броеви и специфични симболи кои се тешки за пробивање. По промена на лозинката, преземете дополнителни чекори за да се осигурите дека нема да бидете жртва на дополнителни злоупотреби и одберете да користите СМС-кодови за верификација, а не датумот на раѓање, кој доста платформи го користат во процесот за ресетирање лозинки – препорачуваат од ДЗЛП.