Свет Европа Пропагандно видео за да се оцрни Бајден, а да се глорифицира Путин

Пропагандно видео за да се оцрни Бајден, а да се глорифицира Путин

Гласот кој изговара „ти си едно секси дете” не е гласот на Бајден. Ова видео е изменето, односно гласот е додаден, Бајден нема изговорено такви непристојни зборови при случајна средба со детето

Фото: Исечок од видеото во рецензираниот Фејсбук пост

Двата контекста во кои Бајден и Путин се сретнаа со децата на кои им се обраќаат, се различни. Во случајот со Путин може да се види дека станува збор за однапред договорено интервју и средба, со оглед на тоа што камерите на видеото се веќе поставени, а тој се однесува согласно ситуацијата којашто е инсценирана. Видеото од Бајден, од друга страна e спонтано, снимено од мобилен телефон и Бајден не му кажува непристојни зборови на детето, како што оваа објава сака тоа да го прикаже, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, во која се споделува видео на кое наводно се наоѓа претседателот на САД, Џо Бајден и според видеото, односно според неговиот превод, тој му шепоти несоодветни зборови на некое дете при случајна средба. Видеото потоа е надополнето со видеоинсерти од претседателот на Русија, Владимир Путин, кој се среќава со едно девојче и тој е претставен како се однесува заштитнички кон неа – татковски. Во објавата што ја рецензираме се вели:

Има ли разлика?

Ваквата споредба е со цел да се пренесе пропагандна порака до јавноста дека претседателот на САД е педофил, перверзен и непристоен, а претседателот на Русија е поддржувач и олицетворение на семејни вредности, татковска фигура и пристоен човек. Овој наратив се провлекува на социјалните мрежи од почетокот на руската инвазија врз Украина, кога се проширија и пропагандни пораки дека Русија е заштитничка на семејните вредности и традиционалното семејство, како и на христијанската православна религија, а Западот, наводно е промотор на растурање на тие вредности и поттикнувач на комплетна девастација на религиозните и семејните вредности.

Но, како што напоменавме, станува збор за пропаганда, чија намера и цел е да се оцрни Западот и претседателот Бајден како негов претставник (симплифицирана претстава лесна за пласирање кај широките народни маси) наспроти Русија. Слични примери Вистиномер веќе разгледуваше и рецензираше овде.

Во првиот дел од видеото во објавата што ја рецензираме, се слуша наводно Џо Бајден како изговара:

Ти си едно секси дете не ѝ кажувај на мајка ти дека ти го реков тоа.

Гласот кој изговара „ти си едно секси дете” не е гласот на Бајден. Ова видео е изменето, односно гласот е додаден, Бајден нема изговорено такви непристојни зборови при случајна средба со детето.

Како што пишуваат проверувачите на факти на Ројтерс, клипот со Бајден како му шепоти на детето непристојни зборови е дигитално изменет. Оригиналното видео од средбата е објавено од страна на мајката на детето овде и на него не може да се слушне дека Бајден споменал „секси дете”.

Мајката на детето за Ројтерс изјавила дека на интернет кружат и графички изменети видеа каде лажно се претставува дека Бајден го мириса нејзиното дете, што, исто така, не се случило. На 9 јуни Бајден имаше настан во Форт Либерти, Северна Каролина, посветен на подобрување на можностите за сопругите и сопрузите на припадниците на армијата и оригиналното видео е снимено на тој настан.

Путин, пак, е снимен  во 2018 година со девојката која се појавува во вториот дел од видеото во објавата што ја рецензираме. Станува збор за 17 годишната Реџина Парпиева која има слепило, а од телевизиската екипа на РТ наводно побарала како нејзина желба, да го запознае претседателот на Русија и да му направи интервју, односно да ја оствари својата желба да биде новинарка, барем на еден ден. Инсертите искористени во видеото од објавата се од оваа средба од 2018 а која е објавена на РТ.

Двата контекста во кои Бајден и Путин се сретнаа со децата на кои им се обраќаат, се различни.

Во случајот со Путин, може да се види дека станува збор за однапред договорено интервју и средба, со оглед на тоа што камерите на видеото се веќе поставени. Путин се однесува согласно ситуацијата којашто е однапред сценирана.

Видеото од Бајден, од друга страна е спонтано снимено од мобилен телефон и Бајден не му кажува непристојни зборови на детето, како што пропагандата сака тоа да го прикаже.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека во објавата што ја рецензираме видеото е дигитално изменето за да се додадат неприкладни/непристојни зборови и на таков начин да се оцрни Западот наспрема Русија, со веќе познатиот пропаганден наратив дека Западот е приврзаник на декаденцијата, а Русија на фамилијарните вредности. За да се направи оваа манипулација, злоупотребено е видеото, со графичко менување. Објавата ја оценуваме како неистинита, заради манипулативно изменетата видео содржина.