Македонија Пронашле граната и ја однеле во полиција, ЦУК апелира да не се...

Пронашле граната и ја однеле во полиција, ЦУК апелира да не се допираат неексплодираните средства

Кога граѓаните ќе најдат какви било неексплодирани средства или остатоци, да не ги допираат и поместуваат и, наместо тоа, да пријават на телефонскиот број 112, велат од ЦУК

Фото: МВР

Граната за која се претпоставува дека е од Првата светска војна вчера била однесена во полициската станица во Берово, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК), предупредувајќи дека ваквата постапка е несоодветна и ризична.

Неексплодираната граната била преземена од страна на пиротехничар за понатамошно уништување.

„Вчера во 12:30 часот во станицата на Полициска станица Берово беше донесено неексплодирано убојно средство, а се претпоставува дека е од Прва светска војна. Веднаш потоа беше преземено од страна на пиротехничар од ДЗС Берово за негово уништување“, информираа од ЦУК.

Центарот за управување со кризи вели дека ваквата постапка е небезбедна за луѓето и за околината. Од таму апелираат кога граѓаните ќе најдат какви било неексплодирани средства или остатоци, да не ги допираат и поместуваат и, наместо тоа, да пријават на телефонскиот број 112 во ЦУК.

„Ваквата постапка можеби изгледа правилна, но е несоодветна од безбедносен аспект. Граѓаните заради своја безбедност и на околината околу нив, треба да постапуваат согласно безбедносните препораки при вакви случаи. Кога ќе пронајдат какви било неексплодирани убојни средства (НУС) или остатоци од минатите војни, препорака до граѓаните е да не ги фаќаат и поместуваат, туку едноставно да се јават во ЦУК и со НУС ќе се постапува според стандардните оперативни процедури за вакви случаи од страна на професионалци – пиротехничари, безбедноо за нив и за сите во нивната околина“, велат од Центарот за управување со кризи.