Подглавна секција Пронајдено досега неоткриено дело на Моцарт во германска библиотека

Пронајдено досега неоткриено дело на Моцарт во германска библиотека

Делото за гудачко трио било откриено во општинската библиотека на Лајпциг при проект за собирањето на сите дела на австрискиот композитор

Фото: Johann Nepomuk della Croce, Public domain, via Wikimedia Commons

Во библиотека во Лајпциг е пронајдено досега неоткриено дело на легендарниот австриски композитор Волганг Амадеус Моцарт, пренесува Гардијан.

Тоа било пронајдено при дополнувањето на каталогот „Кехел“, односно архивата на сите дела на Моцарт.

Делото е наменето да биде изведено од гудачко трио и се состои од 7 кратки ставови, со вкупно времетраење од околу 12 минути. Австрискиот композитор најверојатно го напишал делото во своите тинејџерски години, односно во 1760-те години.

Откриениот документ не е изворно напишан од Моцарт, туку е копија од 1780 година. Според општинската библиотека во Лајпциг, делото се вика „Ganz kleine Nachtmusik“, слично како познатото дело „Eine kleine Nachtmusik“ од австрискиот композитор.

Делото беше изведено вчера во Салцбург, родниот град на Моцарт, во рамките на свеченото откривање на каталогот „Кехел“. Во сабота ќе биде изведено во Лајпциг.