Видео Пронајдените делови од авион му припаѓаат на „боинг 777“

Пронајдените делови од авион му припаѓаат на „боинг 777“

Малезиски претставник потврди дека бројот на делот од авион што е пронајден на островот Рејунион му припаѓа на авион од типот „боинг 777“, јави „Раша тудеј“. Сепак, засега нема официјална информација дека му припаѓа на исчезнатиот авион на „Малезија ерлајнс“, летот МХ-370.

Дел од остатоците од авионот се пронајдени во средата на островот Рејунион, во Индискиот Океан. Ги пронајде чистач на плажа, по што истражителите поитаа кон островот.

Заменик-министерот за сообраќај на Малезија, Абдул Азиз Каправи, претходно рече дека е речиси сигурен дека дел од остатоците, пронајдени на брегот на островот, му припаѓаат на исчезнатиот авион.

И еден американски претставник потврди дека пронајдениот дел од крило најверојатно му припаѓа на исчезнатиот авион.

Авион на летот МХ-370, кој патувал од Куала Лумпур за Пекинг со 239 патници и членови на екипажот, исчезна над Јужното Кинеско Море, откако без објаснување скршнал од зацртаната рута кон север.

Властите веруваат дека тој паднал над Индискиот Океан, но досега не се пронајдени никакви физички докази за тоа.