Свет Пронајдени пет тела на мигранти кај Либија, се стравува дека се удавиле...

Пронајдени пет тела на мигранти кај Либија, се стравува дека се удавиле 200 луѓе

Тела на пет настрадани мигранти се пронајдени во морето кај брегот на Либија, откако потонале чамците со кои пловеле. Се стравува дека повеќе од 200 лица загинале.

„Проактива“, една од неколкуте групи кои дејствуваат на море, соопшти дека добила известување дека еден чамец тоне и оти уште едно чамче потонало со него.

– Имајќи ја предвид големината на чамците, кои често криумчарите на луѓе во Либија ги претовараат, веројатно имало повеќе од стотина лица на секој од нив, соопшти портпаролката на „Проактива“ – Лаура Лануза.

Годинава се зголемува бројот на мигрантите кои се обидуваат да го минат Средоземно Море, а откако е потпишан договорот меѓу ЕУ и Турција, поголем дел од рутата кон Грција е затворена.

Според податоците на Меѓународната организација за миграција, годинава вкупно 559 мигранти загинаа во Средоземно Море. Минатата година вкупно 5.000 мигранти загинаа обидувајќи да стигнат до Европа.