Хроника Пронајдени 35 мигранти во штала во село Лојане

Пронајдени 35 мигранти во штала во село Лојане

Триесет и пет мигранти синоќа се пронајдени при претрес во дом и во други простории кај лицето Ќ.А.(46) од село Лојане, соопшти полицијата, додавајќи дека мигрантите биле скриени во штала.

За време на претресот, сопственикот не бил присутен, а во домот бил затекнат неговиот син Р.А.(18).

Освен мигрантите, како што соопшти МВР, во шталата биле пронајдени и лишени од слобода и О.К.(25) и М.Д.(40) од Авганистан, С.С.(33), Н.А.(18), А.А.(19) и А.М.(20), сите од Пакистан. За нив постојат сомнежи дека противправно ги држеле Л.М. од Сирија со нејзините четири малолетни деца и Х.У., исто така од Сирија, со неговите две малолетни деца.

Полицијата го лишила од слобода Р.А., додека по неговиот татко се трага. За двајцата постои основано сомнение дека криумчареле мигранти, поради што против нив ќе биде поднесена кривична пријава до јавното обвинителство за гонење организиран криминал.

Во СВР Куманово се приведени и странските државјани за кои исто така постои основан сомнеж дека криумчареле мигранти и против нив исто така ќе биде поднесена кривична пријава до јавното обвинителство за гонење организиран криминал.