Македонија „Професорски пленум“ нема да присуствува на дебатата во „Александар палас“

„Професорски пленум“ нема да присуствува на дебатата во „Александар палас“

Претставниците на „Професорски пленум“ нема да учествуваат на дебатата што Министерството за образование ја организира денеска во хотелот „Александар палас“. Тие на својот фејсбук-профил објавија соопштение во кое се вели дека „Професорски пленум“, составен од речиси петстотина професори од различни универзитети, не сака да му даде легитимитет на овој настан, чија единствена цел е да креира привид на транспарентност и за партиципативност во донесувањето октроирани закони.

„Сметаме дека со оваа постапка се прави обид вонинституционално да се „коригира“ и супституира Собранието на Македонија како законодавно тело, што е спротивно на уставното начело за поделба на власта и на владеење на правото, особено во овој момент откако измените на законот ја поминаа првата фаза во Собранието и тие се речиси едногласно изгласани. „Професорски пленум“ и натаму цврсто стои зад барањето за повлекување на законските измени“, стои во соопштението.