Свет Свет Проблематично слетување на авион во Јапонија, 27 патници повредени

Проблематично слетување на авион во Јапонија, 27 патници повредени

Проблематично слетување во вторник навечер на аеродромот „Хирошима“, на западот на Јапонија, имаше авионот „ербас A320“ на јужнокорејската компанија „Азијана ерлајнс“, при што се повредени 27 патници од вкупно 81 лице, вклучувајќи ги и членовите на екипажот.

Според првичните информации, авионот при слетувањето удрил во комуникациска антена, а потоа се излизгал неколку стотици метри и се завртел за повеќе од 90 степени во лоши временски услови со дожд и со магла.

Според снимките емитувани денеска на јапонската телевизија, парчиња од шест метри високата антена се распрскале по тлото, а левото крило на авионот било оштетено.

Сите 73 патници и осум членови на екипажот биле евакуирани преку безбедносните тобогани. Никој не настрадал потешко, но 25 патници и двајца членови на екипажот заработиле повреди.