Македонија Приведени диви продавачи на стока со брендовите на тимовите од Супер купот

Приведени диви продавачи на стока со брендовите на тимовите од Супер купот

Полицијата денеска на Плоштад Македонија привела две лица поради продажба и дистрибуција на неавторизирана стока со брендови на фудбалските клубови „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“.

„Денеска, околу 12 часот, на Плоштад Македонија две лица се приведени во Полициската станица Центар, поради продажба и дистрибуција на неавторизирана стока со брендови на „Реал Мадрид“ и на „Манчестер јунајтед“. Од страна на Пазарна инспекција, ќе им биде поднесена прекршочна пријава во согласност со Законот за трговија по член 2, став 2 – вршење дејност без регистрирано правно лице“, информираат од МВР.

Од таму додаваат дека ангажирани се 2.600 полициски службеници кои се задолжени за безбедноста на присутните во фудбалската арена „Телеком“, реонот околу фудбалскиот стадион и зоните за обожаватели, каде што поголем дел од денот престојуваат навивачите на двата клуба.

Според инструкциите на УЕФА, на стадионот може да се внесат само знамиња на фудбалските клубови „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“ и знамиња на Шпанија и на Англија.