Главна секција Приведена лекарка од Куманово под сомнеж дека земала по 12.000 денари поткуп...

Приведена лекарка од Куманово под сомнеж дека земала по 12.000 денари поткуп за хируршки интервенции

Извор на фотографија: МВР

Полицијата денеска привела лекарка од Куманово со инцијали Е.С. под сомнение дека примала поткуп од 12.000 денари за хируршки интервенции во очното одделение во Општата болница во Куманово. Како што соопшти МВР, лекарката е осомничена дека ја злоупотребила својата службена положба и овластувања и дека и покрај тоа што пациентите биле осигурани преку Фондот за здравствено осигурување, таа им наплаќала за интервенциите.
Според МВР, парите за интервенциите пациентите ѝ ги давале лично на приведената лекарка, „непосредно пред да се изврши хируршката интервенција“. За ваквата трансакција, пациентите не добивале документ за платена услуга, посочуваат од МВР.
Полицијата соопшти дека со обезбедена судска наредба извршиле претрес во работните простории во Очното одделение во ЈЗУ Општа болница – Куманово и во патичко возило „опел астра“.
Притоа, од медицинската сестра во одделението одзеле 18.000 денари, а во возилото, кое според МВР, е во сопственост на осомничената лекарка, пронашле и одземале околу 98.000 денари.
„Е.С. е приведена и против неа ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до ОЈО Куманово“, велат од МВР.