Хроника Притворен скопски дилер на дрога

Притворен скопски дилер на дрога

Дваесет и петгодишниот скопјанец Б.А. доби кривична пријава и 30 дена притвор поради основано сомневање дека сторил кривично дело, неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.

Како што соопшти МВР, Б.А., почнувајќи од крајот на минатата и во текот на оваа година, неовластено набавил, точно неутврдено количество наркотична дрога – марихуана, која ја држел во својот дом и ја препакувал во помали пакувања, наменети за продажба на уживатели. Полицијата со судски налог извршила претрес во домот на Б.А., при што се пронајдени и одземени 19 најлонски пакувања со непозната растителна материја, една грутка непозната материја, една дигитална вага и повеќе од 30.000 денари.

По извршеното вештачење, утврдено е дека растителната материја во одземените најлонски пакувања е наркотична дрога – марихуана со вкупна тежина од 822,2 грама, додека одземената грутка непозната материја е наркотична дрога – хашиш со вкупна тежина од 1,35 грама.

Во периодот од 2004 до 2013 година, против пријавениот Б.А. се поднесени вкупно пет кривични пријави од кои две за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори и по една кривична пријава за затајување, кражба и за самовластие.

Од почетокот на акцијата „Мрежа“, кривично пријавени се околу 150 наркодилери, а запленети се и повеќе од 515 килограми различни видови дрога, соопшти МВР.