Македонија Притворен грчки државјанин кој превезувал 300 килограми марихуана

Притворен грчки државјанин кој превезувал 300 килограми марихуана

Основното јавно обвинителство Велес поведе постапка против едно лице за производство и промет на дрога, информираат од таму.

„Осомничениот, грчки државјанин, на 28 јануари пренесувал наркотична дрога, марихуана во количина од 309,6 килограми што била наменета за продажба. Дрогата ја пренесувал во товарно возило „сканиа“ со грчка регистарска ознака. Во возилото, помеѓу разновидната стока наменета за превоз од Атина до Вупертал, Германија, осомничениот пренесувал и 95 вреќи ориз со крајна дестинација Керкаде, Холандија. Во 75 вреќи, покрај оризот биле најдени алуминиумски вреќи обвиткани со фолија каде се наоѓала наркотичната дрога марихуана“, се вели во соопштението на ОЈО.

Надлежен јавен обвинител донел наредба за спроведување на истражна постапка против осомничениот за сторено кривично дело, неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотопни супстанции и прекурсори.

„Ценејќи дека се исполнети законските околности за определување на мерката притвор, обвинителството до Основниот суд Велес поднесе и предлог за определување на оваа мерка, што беше прифатено од страна на судот и со решение определи притвор за осомничениот во времетраење од триесет дена“, се додава во соопштението.