Хроника Притвор од 30 дена за лицата од тетовската лабораторија за амфетамин

Притвор од 30 дена за лицата од тетовската лабораторија за амфетамин

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека почнало истрага против двајца државјани на Република Србија и петмина македонски државјани. Тие се осомничени за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, а беа уапсени на крајот на минатиот месец при акцијата на полициите на Македонија и на Србија, кога беше откриена и лабораторијата за синтетички дроги во Тетово.

Сите седуммина од судија на претходна постапка добиле 30-дневен притвор. Меѓу нив е и Милан Зарубица, познат во Србија како некогашен стручњак што станал „балкански крал на синтетичките дроги“.

На 30 ноември и на 1 декември, македонското МВР со соработка со МВР на Србија изврши претрес на повеќе објекти и локации на подрачјето на Тетово и на Скопје. Притоа во Тетово беше откриена лабораторија за синтетички дроги, а во скопско Батинци се откриени опрема и големи количества материи за кои се смета дека се поврзани со пронајдените во Тетово.

Според Обвинителството, групата произвела вкупно 204.696 таблети амфетамин со вкупна маса од 35 килограми.