Македонија Пристигнаа првите патници од новата директна авионска линија Скопје – Нирнберг

Пристигнаа првите патници од новата директна авионска линија Скопје – Нирнберг

Денеска на аеродромот „Александар Велики“ пристигнаа првите патници од нововоспоставената директна авионска линија Скопје – Нирнберг, соопштија од Град Скопје.

Со летот, во Скопје пристигна и официјална делегација на градот Нирнберг, предводена од заменик-градоначалникот, Кристијан Фогел.

– Ми претставува чест што првпат го посетувам Скопје, град со кој имаме долгогодишна одлична соработка. Се надевам дека оваа директна линија помеѓу Нирнберг и Скопје ќе придонесе за продлабочување на соработката помеѓу двата града – изјави заменик – градоначалникот Фогел.

Делегацијата од Нирнберг на аеродромот „Александар Велики“ ја пречека секретарот на Град Скопје, Марјанчо Тодоровски.

– Соработката на Скопје и на Нирнберг трае повеќе од половина век, а почна во далечната 1963 година, кога овој град се вклучи во помошта за Скопје по катастрофалниот земјотрес. Скопје и Нирнберг го потпишаа договорот за збратимување во 1982 година и соработката помеѓу двата града е на високо ниво, а истата е најзастапена во областа на културата, образованието, спортот и на противпожарната заштита – рече Тодоровски, додавајќи дека воведувањето на новата директна авионска линија е позитивен чекор, кој дополнително ќе ги подобри релациите на жителите на двата града.