Свет Европа Принцот Вилијам го поддржа останувањето на Британија во ЕУ?

Принцот Вилијам го поддржа останувањето на Британија во ЕУ?

Британскиот принц Вилијам изјави дека британската традиција на соработка со меѓународните партнери е клучна за нејзината безбедност.

Принцот Вилијам во говорот во британскиот Форин офис, кој британските медиуми го протолкуваа како поддршка на членството на Британија во ЕУ, рече дека земјата има повеќевековна традиција на сојузништва и на партнерства.

– Нашата способност во заеднички акции да се обединиме со други нации е од суштинско значење, таа е темел на нашата безбедност и просперитет – наведе британскиот принц.

Британците, како што додаде, секогаш настојувале да истражат што се крие зад хоризонтот и тоа е тоа што ја „влече британската економија, вооружените сили и дипломатските служби“.

Британското кралско семејство никогаш отворено не се меша во политичките прашања, но е познато по издавањето внимателно составени соопштенија за медиуми.

Иако медиумите тоа го протолкуваа како поддршка на кампањата за останување на Британија во ЕУ, портпаролот на Кесингтонската палата рече дека принцот не говорел за ЕУ и оти ниту еднаш не го употребил зборот „Европа“.