Македонија Пријава за вработени во Агенција за администрација – примале мито за полагање...

Пријава за вработени во Агенција за администрација – примале мито за полагање и за вработување

Тројца вработени во Агенција за администрација, на одредени кандидати кои конкурирале за работа во државни институции им овозможиле успешно да го положат испитот за административен службеник, соопшти МВР

Photo by Emil Kalibradov on Unsplash

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против седум лица од Скопје, Прилеп и од Гостивар, под сомнеж дека во периодот од септември 2022 година до првата половина на март 2023 година, тројца од нив, како вработени во Агенција за администрација, на одредени кандидати кои конкурирале за работа во државни институции им овозможиле успешно да го положат испитот за административен службеник.

Тие се сомничат за кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „примање поткуп“, „примање награда за противзаконито влијание“, ,,давање поткуп“ и „давање награда за противзаконито влијание“.

Првопријавениот В.Н. (48) од Прилеп, вработен во Агенцијата, според МВР, за време на полагање на испитот, неовластено преку мрежен пристап влегувал во компјутерите на кандидатите, а притоа пријавените на одредени кандидати им овозможиле користење недозволени средства за време на испитот. Тој, заедно со Б.Л. (37) од Скопје, од септември 2022 до крајот на 2022 година, од пријавениот скопјанец А.К. побарале и примиле подарок за да овозможат неговиот син успешно да ги положи испитите и да биде вработен.

Притоа, пријавениот В.Н. му овозможил на второпријавениот Б.Л. да врши проверка и промена на внесените одговори.

Во декември 2022 година двајцата вработени во Агенцијата, со цел да примат подарок за себе, од пријавените В.Е. и А.Е., влијаеле на пријавената М.И.С. од Скопје, исто така вработена во Агенцијата за администрација и претседател на комисија за селекција за вработување за конкретен оглас, при што во интервјуто на кандидатката В.Е. ѝ дала максимален број на бодови, без оглед на нејзината стручност.

На тој начин, велат од МВР кандидатката ги освоила потребните бодови и била избрана за работното место за кое аплицирала.