Свет Европа Пригожин загинал во авионска несреќа во Русија

Пригожин загинал во авионска несреќа во Русија

Евгениј Пригожин на крајот од јуни годинава го предводеше бунтот против раководството на руските вооружени сили

Владимир Путин и Евгениј Пригожин во 2010 година. Фото: Влада на Руската Федерација, CC BY 3.0, Викимедија комонс

Водачот на платеничката група Вагнер, Евгениј Пригожин загинал во авионска несреќа во Тверската област во Русија, јавуваат руските државни новински агенции ТАСС и РИА Новости, а информациите ги пренесуваат Би-би-си, Си-ен-ен и Гардијан.

Би-би-си во најновата информација посочува дека во авионот кој паднал во Тверската област загинале 10 лица, меѓу кои и Пригожин. Светскиот сервис на вести на Би-би-си пренесува информација од каналот на Телеграм поврзан со Вагнер – Сива зона, кој објавил дека авионот бил срушен од противвоздушната одбрана во Тверската област.

Гардијан ги пренесува информациите на руската агенција ТАСС, која пак се повикува на руското воздухопловно регулаторно тело Росавијација. Пригожин бил на списокот со патници на урнатиот авион „Ембраер“.

И Си-ен-ен ги пренесува информациите на руските државни медиуми, во кои се наведува дека Пригожин бил наведен меѓу лицата што биле во урнатиот авион.

Инаку, Евгениј Пригожин на крајот од јуни годинава го предводеше бунтот против раководството на руските вооружени сили, а по разговорот со белорускиот претседател Александар Лукашенко се согласи да ги сопре активностите на своите сили и да ја деескалира ситуацијата, по што се најде решение борците од неговата платеничка војска да бидат префрлени во Белорусија.