Ctrl - Z Презентирана Основната студија за социјални претпријатија во Северна Македонија

Презентирана Основната студија за социјални претпријатија во Северна Македонија

фото: НМСМ

Основната студија за социјални претпријатија во Северна Македонија беше претставена и промовирана денеска од страна на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ). Како што соопштија од организацијата, преку студијата се изврши мапирање на социјалните претпријатија во земјава со посебен фокус на младите, а како комплементарен продукт на студијата беше претставен и регистарот за социјални претпријатија, прв од ваков вид во нашата држава, кој има за цел да ги синтетизира основните информации за социјалните претпријатија кои се јавно достапни.

Генералниот секретар на НМСМ, Мариана Ангелова, на промоцијата на основната студија истакна дека искуството на организацијата покажало дека младинското вработување се наметнува како приоритет и дека, според анализите, стапката на младинска невработеност е доста висока.

„Со цел да придонесеме кон решавање на овој предизвик како организација решивме дека покрај нашата директна работа со млади и градење на нивните вештини, потребно е да се поддржат и други ентитети кои имаат потенцијал да обезбедат одржливо вработување за младите, особено оние од ранливи категории. Овој проект ги има токму тие цели, да ја зголеми младинската вработливост преку социјално претприемништво, да поддржи младински и социјални претпријатија кои вработуваат млади лица и да придонесе кон целокупниот развој на социјалното претприемништво во нашата земја“, рече Ангелова.

За време на конференцијата беше претставена и платформата mladipretpriemaci.mk која ќе служи како платформа за групно финансирање идеи за воспоставување на социјални претпријатија во Северна Македонија и каде ќе може да се прибира капитал за унапредување на услугите и продуктите на веќе постоечки социјални претпријатија.

На настанот своите идеи ги претставија и десетте добитници на грантови преку проектот „Социјално претприемништво за младинско вработување“.