Македонија Презентирана анализата на законската рамка за образованието на д-р Климе Бабунски

Презентирана анализата на законската рамка за образованието на д-р Климе Бабунски

Во Центарот за конференции и студии при НУБ „Св. Климент Охридски“ се одржа презентација на Анализата на законската рамка за образование и можностите за вклучување на отворените образовни ресурси.

Презентацијата ја отвори Тамара Ресавска од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ со краток вовед за проектот „Иницијатива за отворени образовни ресурси“ и за активностите што претходеа и ја мотивираа оваа анализа.

Д-р Климе Бабунски ја презентираше својата анализа, која опфаќа четири закони: Законот за основно образование, Законот за средно образование, Законот за учебници за основно и за средно образование, како и Законот за авторско право и сродни права, а овозможува и согледување на состојбите, изведување заклучоци и препораки за можно регулирање на отворените образовни ресурси во овие закони.

Бабунски нагласи дека една од најголемите промени во процесот на образованието е појавата на концептот за отворени образовни ресурси.

Некои од клучните поенти истакнати за време на презентацијата се дека образованието има статус на јавно добро и концепциски не ги затвора можностите за отворен пристап до образовни ресурси.

Беше заклучено дека хармонизацијата на чинителите на отворениот пристап до образовни ресурси, а во прв ред отворениот пристап до учебници, треба да почне со законско и со програмско дефинирање во рамки на образованието.

Главните препораки што беа презентирани се во Законот за авторско право и за сродни права да се вгради норма за авторство во контекст на јавен интерес и на јавни финансии како координативни точки на отворениот пристап, од една страна, и од друга страна, да се унапреди заштитата на авторството.