Ctrl - Z ВИДЕО Презентерка на Би-би-си покажа среден прст на вести во живо, па се...

Презентерка на Би-би-си покажа среден прст на вести во живо, па се извини

Презентерката утрово се извини на социјалната мрежа „Х“, велејќи дека се шегувала со тимот, преправајќи се дека одбројува со прстите

принтскрин / Јутјуб видео од преносот на Би-би-си

Презентерка на вести на Би-би-си, која случајно беше фатена како покажува среден прст на почетокот на програмата, се извини за, како што рече, „глупавата шега“ која била наменета за колегите, но не и за гледачите.

Мерјам Мошири, една од главните водителки на Би-би-си, во средата беше фатена како на пладневното издание на вестите покажува среден прст и кренати веѓи, по завршувањето на препознатливото одбројување на програмата.

Таа брзо ја спушти раката и го смени изразот на лицето пред да почне да чита наслови на вести, пренесува Гардијан.

Презентерката утрово се извини на социјалната мрежа „Х“, велејќи дека се шегувала со тимот, преправајќи се дека одбројува со прстите.

„Кога стигнавме до 1, го свртев прстот како шега и не сфатив дека ова ќе биде фатено на камера. Тоа беше приватна шега со тимот и многу ми е жал што излезе во етер. Не ми беше намера ова да се случи и се извинувам ако навредив или вознемирив некого“, напиша таа.

Дел од граѓаните на Велика Британија го опишаа случајот како непрофесионален, искористувајќи го за да повикаат на дефинансирање на британскиот јавен радиодифузен сервис.