Македонија Претстојните избори и евроинтеграциите во фокус на средбата Џафери – Агелер

Претстојните избори и евроинтеграциите во фокус на средбата Џафери – Агелер

Двајцата соговорници се согласиле дека процесот на преговори за членство во ЕУ ќе овозможи позитивна трансформација на демократските капацитети во земјата и засилување на реформските процеси во сферата на владеење на правото и борбата со корупцијата

фото: Влада на Република Северна Македонија

Потребата од обезбедување континуитет и ефикасност во работата на Владата и државните институции, како и вложувањето на севкупни напори за подготовка и реализација на фер и демократски избори, биле дел од темите на средбата помеѓу техничкиот премиер Талат Џафери и амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер.

Џафери ја истакнал посветеноста на Владата кон стратешкото партнерство на Северна Македонија со САД, нагласувајќи оти тој и од новата функција ќе продолжи да биде силен промотор на таа соработка.

Според истакнатото од Џафери на средбата, претседателските и парламентарните избори се клучни за иднината на земјата и ќе претставуваат потврда за правецот на нејзиното натамошно движење.

Двајцата соговорници се согласиле дека процесот на преговори за членство во ЕУ ќе овозможи позитивна трансформација на демократските капацитети во земјата и засилување на реформските процеси во сферата на владеење на правото и борбата со корупцијата.

Агелер на средбата му честитала на Џафери за неговиот избор како прв собраниски претседател и прв премиер – Албанец во Северна Македонија.

„Агелер потенцираше дека изборот на премиерот Џафери испраќа силна порака дека, како и во Соединетите Американски Држави, така и во Северна Македонија, диверзитетот и почитувањето на неговото богато културно наследство ја прават земјата уште посилна. Амбасадорката ја истакна силната поддршка на САД на патот на Северна Македонија кон Европската Унија и изрази подготвеност за натамошна блиска соработка со Владата на тој пат“, соопштија од владата.

Техничкиот премиер Џафери ја нагласил определбата на Владата за активно продолжување на процесите и реформите врзани за евроинтеграцијата на Северна Македонија, со цел отворање нови можности за поголем економски просперитет и демократски развој.

Тој ја известил амбасадорката и за предлог-законот за рестриктивни мерки за кој се прават дополнителни и сеопфатни консултации, по што е предвидено повторно разгледување на истиот на следната владина седница.